Кога сме навистина подготвени да станеме родители?
Share
Дали сте ја слушнале следната фраза? „Никогаш не си потполно спремен да станеш родител.“ Барем јас сум ја чула едно 50-тина пати. Најчесто од блиски, но некогаш и од далечни луѓе. Сите што ќе ги чепнеш во темата родителство ќе ти ја спомнат. И генерално, не дека е грешна. Да, не можеш никогаш целосно да се подготвиш за предизвиците што ги носи родителството. Не можеш никогаш да претпоставиш каков ќе биде карактерот на твоето дете, каков имунитет ќе има, дали ќе спие навечер, дали ќе плаче често, дали ќе го мачат грчеви, дали ќе му оди математика...
И се прашуваш: е па, што останува? На што можеш да влијаеш и за што можеш да се подготвиш? Барем приказната кај нас, пред да станеме родители, беше слична. Се фокусиравме да обезбедиме стабилен и здрав дом. Да ја подготвиме собата за бебе. Да ги набавиме потребните производи. Купуваш еден тон шишиња. Истражуваш кои се најдобри за новороденче, одиш на курсеви и предавања од експерти. Се надеваш дека ќе почнеш со успешно доење уште од првиот ден (yeah right). Се надеваш дека бебенцето ќе си спие мирно, се надеваш дека лесно ќе му излегуваат забчињата (yeah right). Се убедуваш дека никогаш нема да му дадеш да гледа цртани, се убедуваш дека секогаш ќе бидеш смирен и разумен (дури и во моменти на премореност и два часа сон).
И потоа доаѓа клучниот тест. Моментот кога сфаќаш дека целосната подготовка и обука не биле многу корисни. Бидејќи твоето бебенце не спие навечер. Тоа спие само во раце и само кога го нишкаш под посебен агол, со посебен притисок и со посебна песна испеана со одреден тон. Твоето детенце не сака да цица, иако ти веќе имаш доволно млеко. Твоето детенце плаче секогаш кога се обидуваш да му ги смениш пелените. Твоето детенце сака мир и тишина за да заспие...
Тогаш сфаќаш дека навистина никогаш не можеш целосно да бидеш подготвен да станеш родител. Бидејќи сè досега било релативно лесно. Или барем си имал каде да прашаш, да пронајдеш помош и решение. Сега влегуваш во битка со противник кој на секој твој чекор има три нови потези за кои воопшто не си подготвен. И само што ќе помислиш дека конечно си фатил ритам, оп — некој нов скок во раст ќе ја уништи целата рутина што едвај си ја изградил.
На крај ти станува јасно дека родителството е баш такво. Непредвидливо, напорно, со милион мали и уште толку големи предизвици. Ама штом почне да ти се смее, да ти пушта по некое гласче, да ти го држи прстот силно како да е цел негов свет... тогаш се забораваш. Уморот поминува, нервозата си оди и веќе ништо не постои освен тоа мало бебенце. За жал, тие моменти исто толку брзо си одат. Затоа да си ги цениме додека се тука.
Бидете силни и да се поддржуваме едни со други. Да одгледаме нова генерација подготвени родители. Барем колку што е можно.